|
Подобар квалитет на трпезното грозје за зголемен извоз
Јорданчо Ѓорчев, менаџер за продажба на Гоце Делчев "Тиквеш", една од водечките фирми за производство, продажба и извоз на трпезно грозје од Кавадарци, град во тиквешкиот регион на Македонија, се сеќава на поранешниот процес за ракување и продажба на грозје на купувачите во бившите југословенски пазари.
"Стариот неефикасен и делумно успешен систем за наводнување мораше да биде заменет со нов. Претходниот систем не обезбедуваше доволно снабдување со вода, па затоа фирмата претрпе значителни загуби во приносот. Но, тоа беше само дел од проблемот", рече Ѓорчев. Како резултат на помалку од оптимална употреба на заштитни материи, произведеното грозје беше со понизок квалитет, што се должи на опекотини на лушпата од сонцето и недостиг на соодветен третман по бербата, заради што грозјето доби ниски пазарни цени.
Тоа беше пред АгБиз програмата на УСАИД да одобри грант за деловен развој на ГД Тиквеш за реализирање на проект со кој фирмата го унапреди постоечкиот центар за пакување преку инсталирање на нов објект за пред ладење и инсталирање на нов систем за наводнување на површина од 40 хектари. Дополнително на овие, фирмата со сопствени средства инсталираше систем за наводнување на дополнителни 260 хектари. По реализирањето на проектот, кој заврши во март 2010 година, опремата во новиот центар за пакување овозможи целосна контрола на влажноста на воздухот и снабдувањето со сулфур, контролирано ракување со сите процеси и повисоко ниво на енергетска ефикасност.
Фирмата целосно го обнови и модернизира процесот на традиционалното пакување и создаде центар за пакување што додаде поголема вредност на грозјето и го направи финалниот производ попривлечен за купувачите и ја зголеми можноста за негова продажба. Проектот овозможи ГД Тиквеш да има високо квалитетни производи и да ја прилагоди понудата на нивните производи во однос на пакување, тежина, боја, вкус, содржина на шеќер во согласност со барањата на клиентите.
Инсталацијата на новиот систем за наводнување на 300-те хектари лозови насади овозможува софистициран начин на наводнување со значителна заштеда на вода и намалена цена за користење на водата од новите бунари и овозможува навремено наводнување на насадите со трпезно грозје.
"Со модернизација на процесот за одгледување на грозјето, фирмата драстично ги зголеми квалитетот и приносите и постигна многу поголемо производство. Со оваа инвестиција ГД Тиквеш го зајакна својот идентитет, ја подобри својата позиција на традиционалните бивши југословенски пазари и почна да навлегува на други, странски пазари ", рече Ѓорчев.
Од 2007 година ГД Тиквеш е редовен учесник на голем број активности на АгБиз за јакнење на капацитет, како Бизнис со Бизнис (B2B) состаноци, трговски саеми, студиски посети и обуки. Фирмата ги искористи информациите и искуствата стекнати во текот на овие настани со што фирмата направи нови деловни трансакции кои резултираа со зголемување на извозот во вредност од околу 700,000 евра, зголемување на набавената суровина од блиску 300,000 евра и ја зголемија вработеноста за нови 86 работни места.
Преку АгБиз програмата, УСАИД им помага на македонските извозници од агробизнисот да станат поконкурентни со додавање на вредност на постоечките производи, проширување и создавање на нови извозни пазари, зголемување на капацитетите на претпријатијата, како и имплементација на напредни системи за безбедност на храна.
АгБиз им помага на фирмите од агробизнисот да ја разберат побарувачката на пазарот и да бараат начини да ги направат своите производи поконкурентни на пазарите за извоз!
ГД Тиквеш е една од дваесетте водечки македонски агробизнис извозници што добија грантови наменети за проекти за деловен развој.
На 4 мај на свечената церемонија на АгБиз, УСАИД и Министерот за Земјоделство, Шумарство и Водостопанство, како и Амбасадорот на САД во РМ, им честитаа за успешно завршување на проектите во текот на изминатите 18 месеци.
Овие дваесет проекти беа избрани од вкупно 82 примени апликации, кои беа евалуирани а се од следниве ланци на додадена вредност: вино, трпезно грозје, свеж зеленчук, преработки од зеленчук и самоникнати шумски плодови.
|